Советот на Општина Карпош на денешната седница донесе одлука за финансиска поддршка на проекти од областа на детската социјалната и здравствената заштита на Општина Карпош за 2019 година ( за реализирање на проектот „ Социјално вклучување на жртвите од семејно насилство како маргинализирана група граѓани“, чиј подносител е Организација на жени на Град Скопје. Финансиската поддршка ќе биде од буџетот на Општина Карпош и ќе биде во износ од 70.000 денари. Финансиска помош за лекување во износ од 100.000 денари доби нашиот сограѓанин Мартин Угриновски.

Членовите на Советот на Општина Карпош на денешната седница, ја изгласаа Одлуката за наградување со екскурзија – патување во детски камп „ Александра“, Република Грција на училишните репрезентации на Општина Карпош во одбојка девојчиња, и фудбал момчиња, за освоени први места на турнир во Општина Кисела Вода. Исто така, помина Одлуката за одобрување на финансиски средства за купување на периодични паркинг-картички за корисници – жители на Општина Карпош, од СЦМ РЕТАИЛ ДООЕЛ Скопје –трговски центар Скопје Сити мол. На оваа седница се одобри и Одлуката за прифаќање донација од КНАУФ Македонија за опремување на медиотека во ООУ „ Јан Амос Коменски“.

Советниците ја изгласаа Одлуката за внатрешна организација, делокругот и начинот на извшување на задачите на општинската администрација на Општина Карпош, како и Одлуката за утврдување на максималниот износ на вредност на бодот на пресметување на платите на давателите на јавни услуги и на директорите на јавните установи за деца ЈУОГД од Општина Карпош за 2019 година.

Со одлука на Советот, беа одобрени финсисиски средства за поддршка на проекти од областа на детската, социјалната и здравствената заштита на Општина Карпош за 2019 година ( за реалзиирање на проектот „Логопедска превентива-важен фактор за правилен развој кај говорот на децата“ чиј подносител е НЕТФОРЈУ ДООЕЛ). Советниците на Карпош ги изгласаа и заклучоците за усвојување на Годишната програма за работата на десетте основни училишта кои се наоѓаат на територија на Општина Карпош и тоа : ООУ „ Владо Тасевски“, „ Јан Амос Коменски“, „ Братство“, „ Димо Хаџи Димов“, Петар Поп Арсов“, како и на училиштата „ Лазо Трповски“, „ Христијан Тодоровски- Карпош“, „ Вера Циривири –Трена“, „ Војдан Чернодрински“ и училиштето „ Аврам Писевски“, за наредната учебна 2019/2020 година. Директорите и претставниците од сите училишта на територија на Карпош, пред членовите на Советот ги образложија сите свои приритети и специфични проекти во своите програми за следната учебна година, како што се отворање на посебни сензорни соби за ученици со посебни потреби, меѓународна размена на сознанија за образовните системи на Република Северна Македонија со оние од Европската унија, нови еколошки проекти и сл.

Советниците го изгласаа и Предлог-мислењето на Програмата за изведување на ученички екскурзии и други ученички активности во истоимените десет основни училишта за наредната година.