Општината Карпош е формирана на 3 ноември 1976 година со Законот за формирање на општини на Град Скопје и за утврдување на нивните подрачја (“Службен весник на СРМ” бр.8/76).

Најголемиот дел од подрачјето на кое е формирана општината го носело името Карпош кое е заедничко име (прекар) на две значајни личности од историјата на македонскиот народ:

Карпош – војвода, кој во 1689 година бил водач на селското востание од Кривопаланечкиот и Кумановскиот крај и се борел против турските феудалци – паши (Карпошево востание). Востанието било задушено, а Карпош бил заробен, набиен на колец, избоден со копја, по што од Камениот мост во Скопје Турците го фрлиле во реката Вардар.

За да не се заборави името на Карпош тоа име го земал Христијан Тодоровски – народен херој на Македонија од НОБ и легендарен партизански командант во североисточна Македонија. Тој храбро загинал на 7 февруари 1944 година, во борба против фашистичката полиција во селото Билјача.

По кажување на еминентни македонски историчари името на Општината Карпош не може да се поврзе само со една од овие две значајни историски личности, со оглед на тоа дека самото име Карпош асоцира на монолитност и истрајност на македонскиот народ за сопствена држава и сопствен национален идентитет.