Во драматична завршница, со изведување на пенали, основците од „Владо Тасевски”, денеска ги совладаа своите соперници од „Петар Поп Арсов” и го освоија овогодинешниот училишен фудбалски Куп, кој традиционално се одржува во рамки на одбележување на роденденот на Општина Карпош (3. ноември).
Финалниот меч кој се одигра на спортското игралиште во Влае, го одбележа добрата одбрана на двете екипи, кои после нерешениот резултат 0:0, мораа преку изведување на удари од белата точка да го одредат конечниот победник. Сепак, фудбалерите од „Владо Тасевски” ја задржаа потребната концентрација и на крајот славеа со 4:2.
По финалната спортска пресметка, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, им честиташе на фудбалерите од двете екипи и им посака многу успех на спортски и училишен план. Во оваа пригода, тој им го врачи пехарот на победниците и дипломите на учесниците во финалето.