Во градинката „Мајски цвет“, во УЗ Владо Тасевски, (Млечен) се врши замена на надворешните прозорци и врати, со цел да се подобри енергетската ефикасност на објектот, со што ќе се овозможи заштеда и на топлинска енергија.

Имено, сметките за загревање на градинката ќе се намалат за 30%, со што се овозможува заштеда на средства и поекономично работење на овие јавни установи.

Во посета на градинката денеска беше градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули. За реализација на овој зафат, локалната самоуправа аплицираше на повикот на Владата за намалување на аерозагадувањето.

 

Градоначалникот Богоев напомена дека покрај оваа реконструкција, во оваа градинка се врши санација и на подот, тоалетите, поставен е нов кров, а се набавуваат и нови дидактички материјали и мебел.

 

  • Градинките не се установи каде што дечињата само престојуваат и јадат. Напротив, тука ги стекнуваат и првите навики и знаења, затоа и нашата одговорност е голема. Постојано ги подобруваме условите, а овозможуваме и нови методи за учење преку игра.

Во претстојниот период се фокусираме и на реконструкција на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1. Ја споделувам загриженоста на граѓаните за условите и во таа градинка, која со години е во полоша состојба, рече Богоев.

 

Заменик министерот Макрадули напомена дека Планот за чист воздух овозможува системски начин за справување со аерозагадување, како еден од најгорливите проблеми. Од зголемувањето на енергетската ефикасност на објектите, тој,  ја истакна и заштедата на топлинска енергија, како и градењето на капацитети со кои се овозможува подобра детска заштита. Исто така, Министерството работи и на подигнување на нови зелени површини во училишните дворови, а со оваа акција ќе биде опфатена и Општина Карпош.