Градоначалникот Сотир Лукровски, денеска во спортската сала „Наум Наумовски Борче“ (Партизан), свечено додели десет Teqball маси наменети за сите основни училишта во Општина Карпош.

На настанот присутвуваа министерот за спорт, Борко Ристески, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, амбасадорот на Црна Гора, Н.Е. Зоран Миљаниќ, како и претставници на институции, советници и гости.
 
Во рамки на свеченоста, црногорскиот репрезентативец Марко Жарковиќ и Диме Пејчиновски изиграа ревијален натпревар во Teqball, преку кој присутните имаа можност да се запознаат со овој атрактивен спорт и неговите специфични правила.
Градоначалникот Лукровски ги поздрави сите присутни и истакна дека воведувањето на оваа иновативна новина во училишта ќе им овозможува на нашите основци да запознаат нови спортски дисциплини, поразлични од традиционалните, и да ги стекнуваат дополнителни вештини.
 
„Ние како Општина, во континуитет вложуваме во модернизирање на спортската инфраструктура во Карпош и сме особено горди што нашите ученици ќе имаат можност да научат да играат нови спортски игри, кои ќе го развие нивниот психомоторен развој, но и ќе придонесе за уште поголема социјализација и тимски дух помеѓу нив. Сакам да упатам посебна благодарност до Теqqball сојузот на Црна Гора, кои дадоа огромна поддршка и придонес во организацијата на овој значаен настан за нашата општина“ – истакна градоначалникот Лукровски.
 
Покрај Teqball, на настанот се презентираа и спортските игри TegVolley и TeqPong, со што беа преставени различните можности што ги нуди овој вид на спортска активност.
 
На крајот, во знак на пријателството и спортската соработка меѓу Македонија и Црна Гора, симболично беа разменети репрезентативни дресови.
Општина Карпош, со оваа иницијатива, отвара нови можности за развој на училишниот спорт, спортското дружење и здравите животни навики кај најмладите.