На територија на Општина Карпош, во вториот (стариот) дел на Градскиот парк денеска се пушти во употреба вториот pumptrack во Скопје.

Станува збор за јавен простор кој може да го користат сите љубители на велосипедизмот. Исто така, во овој дел засадена е и нова тревна површина, а поставени се и клупи за седење, со што се добива нова зона за рекреација на граѓаните.

 

Претходно овој простор беше девастиран и неуреден. Со облагородувањето, Градскиот парк станува уште поатрактивен за граѓаните.

 

Оваа зона е направена од Град Скопје и донаторот Стопанска банка АД Скопје, а со поддршка и на Општина Карпош.

 

На денешниот настан присуствуваше градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, како и претставници од Стопанска банка АД Скопје.

 

Градоначалникот Шилегов истакна дека и во ек на светска пандемија, Градот и општествено – одговорните компании уште повеќе се грижат за креирање на нови зелени и функционални површини.

 

Во изминатиот период, Град Скопје го уреди и паркингот во овој дел од паркот, а во должина на потегот се постави и заштитна ограда за да се спречи паркираење во зеленилото.