Припадниците на единицата за заштита и спасување, односно тимот за спасување на вода од Општина Карпош беше дел од меѓународната вежба „Хуманитарен одговор 2023“, која се одржа во понеделникот на кејот на реката Вардар (спроти болницата Систина). Вежбата ја координираше националниот инструктор за безбедност на вода Дејан Јонузоски. Во организација на Црвениот крст на Град Скопје, под покровителство на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во акцијата учествуваа и екипи од Црвениот крст на Хрватска, Општинска организација на Црвениот крст од Охрид, Црвениот крст на Град Скопје и медицинска екипа од болницата Систина.

По одличната координација, учесниците успешно ја спроведоа симулациската вежба, каде со брза интервенција беа имобилизирани две повредени лица.  Потоа, искусната екипа на Црвениот крст со чамец за спасување веднаш ги пренесе повредените преку реката Вардар, под хипотетичка ситуација во која подрачјето го зафатило земјотрес и мостот е надвор од употреба. Оттаму, подготвениот медицински тим со амбулантно возило, итно ги транспортираше повредените лица до болницата Систина.