Овој вторник, Општина Карпош  испрати 20 члена екипа во поплавените подрачја, составена од Единицата за заштита и спасување, која функционира во рамките на локалната самоуправа.  Стручната екипа се упати на терен и помага во санирање на штетите со комплетна опрема специјализирана за вакви кризни ситуации. Дополнително, Општината испрати и пет градежни инженери за проценка на штети.

Од утре, (петок), дополнителни 50 вработени лица од Општина Карпош  ќе се распоредат во поплавениот кризен реон, по 25 лица во Стајковци и 25 во Маџари. Административците ќе бидат опремени со „скип“ булдожер и со кипер, и ќе одат како засилување во санирање на штетите и расчистување на теренот и куќите во поплавените места.

 

Според хиерархија на законските приоритети, Градот Скопје, Општина Гази баба и Владата на Република Македонија се првостепено надлежни во пружање на помошта за реонот кој го зафати водената стихија. Општина Карпош, како и останатите локални самоуправи ќе помага освен со човечки ресурси, со материјални средства и со финансиска помош, како и со прибрана хуманитарна помош.