Традиционално, по тринаесеетти пат, започна Меѓународната ликовна колонија, организирана од Детскиот ликовен центар, под покровителство на Општина Карпош. На  падините на планината Водно, во манастирскиот комплекс „ Св. Пантелејмон“, учениците од десетте основни училишта од Карпош, заедно со своите врсници од збратимените општини: Триадица, Софија – Република Бугарија, Врњачка Бања од Република Србија , Травник од Босна и Херцеговина, и од Тиват , Црна Гора, заедно ќе творат и ќе цртаат, создавајќи на тој  начин уметнички дела. Инспирација и мотив за уметничкото изразување, учениците ќе црпат од манастирскиот комплекс и преубавата природа околу него.

                 Претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев, нагласи дека му претставува особена чест и задоволство да ја отвори традиционалната меѓународната детска ликовна колонија во Карпош.

 

-Меѓународната ликовна колонија, заедно со Карпошовото културно лето, кое заврши неодамна, се симболи на културата на Општина Карпош, особено што овие манифестации имаат меѓународен карактер. Токму тука, на падините на нашата планина Водно, во преубавиот манастир, нашите основци од Карпош, заедно со своите врсници од Бугарија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, ќе цртаат и ќе творат, на тој начин  изразувајќи ја својата креативност и уметност. Преку оваа манифестација,  ние создаваме своевидни културолошки мостови, помеѓу нашите соседни држави и упатуваме една универзална порака, дека ликовното творештво и уметноста немаат национална боја.

 

Првиот човек на Советот на Општина Карпош на основците им посака пријатен престој во Република Северна Македонија, и како што нагласи низ креативната работа да се стекнат со нови познанства и пријателства кои ќе им останат за цел живот.

 

Меѓународната детска ликовна колонија ќе заврши утре, со  комплетирање на уметничките творечки дела на основците. По  завршувањето, на учесниците ќе им бидат врачени дипломи и брошури, а нивните творби ќе бидат изложени во Детскиот ликовен центар во рамки на Кинотека на Македонија.