НОВИ ЗАНИМАЛНИ ВО ГРАДИНКАТА „МАЈСКИ ЦВЕТ“ ВО ТАФТАЛИЏЕ 2
- септември 20, 2019
- 0
Матичниот објект на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 ќе добие три нови, реконструирани простории – занимални за престој и учење на деца од 8 до 24 месеци. Исто така, се работи и на обнова на чајната кујна и тоалетите во градинката.
Просториите ќе добијат и нова подлога, а предвидено е и нивно опремување со нови креветчиња, играчки и сензорни табли.
Овие реквизити и сензорните табли се со намена да ја поттикнат когнитивната способност на дечињата, да спознаваат, паметат и самостојно да доаѓаат до решенија.
Градоначалникот Стефан Богоев денеска беше во посета на објектот, при што директорката Ангела Ангеловска Усовска го информираше за активностите кои се во тек, како и за плановите градинката да прерасне во вистински дом за најмладите.
— Градинките се места каде што нашите деца се згрижуваат, но, исто така, ги стекнуваат и првите знаења, поими и навики. Затоа одговорноста на сите чинители, за креирање на инклузивно и сеопфатно предучилишно образование е голема, посочи Богоев.
Веднаш до матичниот објект на градинката, успешно работи и новиот објект „Јасмин“, кој е со капацитет за згрижување на 95 деца и е опремен по најсовремени стандарди. Дополнително, во текот на летниот период „Мајски цвет“ доби и нова цветна градина, создадена од најмладите, воспитниот кадар и родителите, а со поддршка од Општината.
Локалната самоуправа продолжува да работи на унапредување на детската заштита и подобрување на условите во сите предучилишни установи.