Денеска се одржа „вело дружба” во организација на Општина Карпош и Центарот за климатски промени. Настанот започна пред Драмскиот театар, каде што сите заинтересирани жители на Карпош дојдоа со својот велосипед и потоа се упатија кон ТЦ Лептокарија, возејќи по велосипедската патека долж булеварот Партизански Одреди. На вело дружбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, претседателот на Советот, Андреј Манолев и дел од советниците.

На платото во Лептокарија велосипедистите беа пречекани од група на ученици од основните училишта кои делеа едукативен материјал за придобивките од користење на велосипед и реквизити за полесно и побезбедно возење на ова превозно средство.

Во рамки на проектот „Заеднички за подобра животна средина во Карпош”, се поставија и 60 нови паркинг места за велосипеди, на четири фреквентни локации: пред Драмски театар, комплекс факултети, ТЦ Лептокарија и плоштадот  Делфина во Влае.

Посочените локации ги избраа граѓаните преку претходно спроведената анкета.

Во оваа прилика, градоначалникот Богоев говореше и за мерката за субвенционирање на велосипеди која предизвика голем интерес кај карпошани, но и за целокупното подобрување на вело инфраструктурата во Карпош.

 Сепак, оваа мерка сама по себе не е доволна за зголемување на користењето на велосипедот како превозно средство и затоа, како локална самоуправа, се посветивме кон обезбедување на посигурни вело патеки и паркинзи на територија на Карпош, рече Богоев.

Претставничката од Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска – Пецуровска се осврна на успешната соработка меѓу здружението и Општина Карпош и ефектите од реализацијата на овие проекти, чија примарна цел е заштита на животната средина.

Исто така, се презентираше и информативен видео материјал за позитивните страни на велосипедот, особено во делот на намалување на загадувањето, бучавата и создавање на хармонична локална заедница.

За време на настанот, претставници од Агенцијата за млади и спорт делеа промотивни материјали и корисни реквизити во пресрет на Европската недела на спортот која ќе се одржи во месец септември, а Општина Карпош е меѓу 15-те општини во кои ќе се реализираат голем број на спортски активности од натпреварувачки и рекреативен карактер.