Во рамки на традиционалната манифестација “Денови на Општина Карпош”, денеска, во ООУ Јан Амос Коменски, се одржа хуманитарен настан “Готвиме со Марк”.

Марк Де Јонг, познат како шеф Марк од кулинарското шоу “Брза кујна”, заедно со неколку вработени од општинската администрација, готвеа топли оброци за социјално ранливите категории граѓани. Намирниците за подготовка на храна беа обезбедени од маркетот “Тинекс”, реномираната компанија за прехранбени и кондиторски производи “Витаминка”, како и од ресторантот “Софра”, којшто се погрижи за пакувањето на оброците.

               Секој член од пријавените социјални  семејства, ќе добие топол оброк кој ќе им овозможи да вкусат нешто сосема поразлично и необично од секојдневната исхрана. Подготвени беа околу 200 оброци, кои се распределија по месните и урбаните заедници, како полесно извoдлив начин секое од семејствата да го подигне својот “lunch” пакет. Шеф Марк и дел од вработените во општинската администрација, беа задоволни од сработеното и се разбира брзината на подготовка.

               -Денес подготвивме 200 оброци за нашите соседи со  прекрасниот тим готвачи. Тие не се готвачи, тие се домаќинки, но готват супер. Направивме многу убава работа, готвевме со срце, а сетоа тоа може да се види од топлите оброци што ги направивме.

               За  сето ова да биде безбедно и вкусно подготвено, се погрижи компанијата за здрава храна за деца од предучилишна и училишна возраст, “Ванила Фуд”, кои поставија кујна според ХАСАП стандардите, а беше обезбеден и превоз за да се пренесе топлиот оброк во сигурни раце.