Пред преполните трибини на игралиштето Сокол  кои беа исполнети со бројни љубители на фудбалот, вчеравечер се одиграа финалните мечеви во рамки на XVIII меморијален турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“. На оваа традиционална спортска манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода  го најави спектакуларното финале.

  • Ве поздравувам од името на локалната самоуправа и сметам дека сите ние треба да се заблагодариме на ентузијазмот на луѓето кои го организираа овој турнир. Тој претставува вистински израз на заедништво, пријателство и почит кон трагично починатиот другар Оливер Соколов – Сокол и воедно е показател дека другарството е вечно. Убеден сум дека покрај квалитетниот фудбал, беше демонстриран и ферплејот – истакна Јакимовски.

Во мечот за третото место кој беше изедначен по квалитет, силите ги одмерија екипите на ФК Црна Река и СУК Импекс, кои по конечниот резултат (1:1) се упатија кон белата точка за изведување на серија пенали. Притоа, фудбалерите на ФК Црна Река покажаа поголема концентрација и смиреност и го обезбедија третото место, совладувајќи ги своите соперници со конечен резултат 5:3.

Финалниот натпревар од друга страна пак, не помина во голема неизвесност од причина што тимот на Фризерница Попај доминираше во текот на целиот меч. Наметнувајќи еден динамичен ритам на теренот, тие  ги совлада своите ривали – екипата Лихнидос Охрид (Гостилница Мече), со убедливи 4:0.

Најуспешните екипи и поединци добија награди од спонзорите на турнирот, а победничките пехари им ги врачи првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.