Во општина Карпош започнува да се спроведува услугата „Нега на стари лица во домашни услови“. Денеска, беше отворена информативната канцеларија за овој проект, која се наоѓа на мостот „Влајко“, каде што граѓаните ќе можат да добиваат повеќе информации за услугата.

 

Постарите и изнемоштени граѓаните, како и лицата со попреченост ќе можат да добиваат помош во одржување на нивното домаќинство, хигиена, помош при готвење или купување на продукти, земање медицинска терапија, помош при движење надвор од домот и сл. Услугите ќе ги даваат сертифицирани негователи од Црвениот крст, кои поминаа низ процес на обука за работа и нега на постари граѓани и лица со попреченост.

Во изјавата за медиуми градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев истакна:

 

  • Имајќи предвид дека Карпош е општината со најголем број на возрасни сограѓани, среќен сум што овие домашни посети стануваат реалност, затоа што беа дел и од мојата изборна програма во 2017 година.Нашите баби и дедовци, оние кои нè израснале, заслужуваат достоинствена старост и вистинска грижа.

Сакам да се заблагодарам на МТСП, Црвениот крст и Светска банка, како и до Одделението за детска, социјална и здравствена заштита во општината, кои помогнаа во реализацијата на проектот, рече Богоев.

 

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска истакна дека со овој проект се ангажираат и лица кои биле активни баратели на работа и им се помага да бидат поконкурентни на пазарот на трудот.

 

Домашните посети ќе ги спроведуваат обучени негователи од Црвениот крст на град Скопје.

„Од денес старите лица кои имаат потреба од помош ќе имаат негуватели кои ќе се грижат за нивните секојдневни потреби. Овие лица ќе бидат и нивни пријатели и искрено се надеваме дека ќе внесат свежина и радост во нивниот секојдневен живот и ќе им помогнат. Како и досега така и од сега, поддршката од страна на Министерството за труд и социјална политика и од општината Карпош е од огромно значење, а успехот и понатаму ќе зависи од нашата заемна соработка“, изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар во Црвениот крст во Скопје.