Гумирана подлога, за поголема безбедност на децата и целосно нови реквизити се поставија на детското игралиште во Карпош 3, на платото кај фонтана.

 

Во околниот простор, исто така се санираа и дел од клупите за седење. Станува збор за зона, јавен простор, којшто често пати се користи од жителите на Карпош 3. Тука се социјализираат и дружат помладите сограѓани, но и повозрасните, со што се постигнува меѓугенерациски соживот.

 

Локалната самоуправа, овој период сериозно го користи за подобрување на состојбата на сите детски игралишта, платоа и маалски паркови. Се работи етапно, заради големиот број на вакви зони за рекреација.

 

Од оваа година, почнавме и со постепена замена на подлогите на игралиштата. Поставуваме гумирани подлоги, со што се зголемува безбедноста за најмладите, но и се придонесува за помало загадување и прашина во околниот простор.

 

Во Карпош 3, интензивно се работи и на новиот Спортско – рекреативен центар во рамки на училишниот двор на „Лазо Трповски“. На овој начин, покрај платото кај фонтана, граѓаните добиваат и простор за спортски активности (кошарка, фудбал, ракомет, сервис).

 

Ги повикуваме сите граѓани да ја чуваат урбаната опрема и при користењето на овие јавни површини да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19 (да се одржува дистанца, да се носат маски и редовно да се прави дезинфекција).