По повод Денот на Општина Карпош, 3 ноември, покрај големиот број активности, денеска Карпош се чистеше. Вработените во локалната самоуправа заедно со градоначалникот Стевчо Јакимовски, насадија 100 садници во околината на наслебата Карпош 3, а потоа реализираа и редовно есенско чистење.

 

                –По повод Денот на Општината, одлучивме да посадиме дрвца на територија на Карпош 3. Токму тука садиме 100 садници заедно со вработените на Општина Карпош коишто денеска ја чистат Општината, заедно  со членовите на Советот на Општина Карпош. Претходно насадивме 50 дрвца во населбата Тафталиџе 2, 300 дрвца во населбата Карпош 4, 1.000 дрва покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. На ред сега е паркот кој се прави наспроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, кадешто ќе бидат засадени  околу 200 дрва.

 

-Оваа година имаме засадено околу 1.500 дрвја, и ако на тоа го надоврземе и Денот на дрвото, кога планираме над 5.000 дрва да бидат насадени по булеварите, парковите, по домовите, училиштата и градинките, Карпош дополнително ќе зазелени. Оваа година ќе ја завршиме со некаде околу 7.000 дрва насадени на територија на Општина Карпош. Целта е зачувување на човековата средина имајќи во предвид дека Општина Карпош е општина која што најголем дел сама го одржува зеленилото и хигиената. Денеска е ден кога целата администрација од Општина Карпош се посвети на чиста и здрава општина – истакна Јакимовски кој потсети дека локалната самоуправа и покрај тоа што секојдневно се чисти, секоја година врши целосно прочистување, наесен и напролет, од страна на целата администрација.