По спектакуларното отворање на „Карпошовото културно лето“ со уметничкиот двоец Џамбазов- Гуру Харе, на втората „културна вечер“, односно вчеравечер, жителите на Карпош  ги забавуваа „Трио Џентлмен“. Музичкото трио составено од тројцата професионални оперски пејачи: Дејан Стоев ( тенор), Кристијан Антовски ( баритон) и Дарко Нешовски (тенор) пред карпошани се  претставија со  светските поп хитови , изведени во поп-класичен манир.

На нивниот музички репертоар се наоѓаат наполитански канцони, шпански песни, руски романси, и секако музика од изворното македонско творештво. Многубројната публика, уживаше во изведбата на светски познати хитови, од страна на талентираните македонски музичари.

Вчеравечер, за прв пат, официјално беше промовиран спотот на поп-класика составот „Трио Џентлмен“, на тема „Молитва“, која всушност е преработка на оригиналот на истоимената песна на нашата пејачка на забавна и народна музика Виолета Томовска.

Оваа вечер, љубителите на уметноста, можеа да ја проследат и изложбата на фотографии „10 години летна магија“ која е ретроспектива на сите досега одржани Карпошови културни лета.