Викендов се реализираше дводневната традиционална хуманитарна акција „Да бидеме хумани за нашите соседи“ која Општина Карпош ја спроведува по дваесетти-јубилеен пат.
Пред поголемите маркети, општинарите поставија 12 штандови на кои ги собираа донациите од солидарните сограѓани.

Карпошани, уште еднаш го покажаа својот несебичен карактер. При своето редовно пазарење, тие одлучија да донираат најразлични производи по сопствен избор, наменети за своите сожители кои се наоѓаат во потешка материјална состојба. Во наредните денови, од насобраните производи, одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Општина Карпош ќе формира т.н „хуманитарни пакети“ и истите ќе им бидат врачени на социјално загрозените семејства.
Кон оваа хумана акција се приклучи и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој донираше прехранбени производи за таа цел. Во оваа пригода тој истакна дека се работи за солидарна акција, која се организира по повод Новогодишните и Божиќните празници.
– Велат дека вистински пријатели се оние коишто ќе се сетат на своите пријатели кога им е убаво. Доаѓаат убави празници, какви што се Новогодишните и Божиќните. Ред е да се сетиме и ние на карпошани кои имаат помалку средства за егзистенција. Затоа, апелирам до сите наши хумани граѓани кои пазаруваат во поголемите маркети, да издвојат барем еден продукт од својата корпа, за своите сограѓани на кои навистина им е потребна ваква помош– посочи општинскиот татко.
Јакимовски потсети, дека локалната самоуправа ја спроведува оваа традиционална хуманитарна акција три пати во годината, за Денот на Општината, по повод Божиќните и Велигденските празници.
– Во Карпош имаме некаде околу 120 семејства кои се изложени на социјален ризик, така што заедно со граѓаните успеваме да им пружиме основна помош на луѓето од оваа социјална категорија. Кон оваа благородна акција се приклучија и трговското претпријатие „Тинекс“, административците од Општина Карпош, како и основните училишта и градинките кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа – додаде првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски.