Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски реагира на донесениот ДУП во општина Ѓорче Петров каде што се предвидени висококатници за нови 11.000 жители и хемиски фабрики. Јакимовски во исто време ги обвини политичките партии, невладините организации и здруженија за двојни аршини и за манипулација на граѓаните. На денешната прес конференција градоначалникот истакна: Ги видовте ли двојните аршини, лагите и манипулациите со граѓаните, од политичките партии, невладините организации, здруженија на граѓани? На вонредна седница се донесе детален урбанистички план во Ѓорче Петров кој почнува од кружниот ток кај Порта Влае и истите градби ќе имаат сериозно влијание врз животот и инфраструктурата во општина Карпош, а особено врз жителите од Влае. Намерно не реагирав вчера, кога ова беше ударна вест, а и денеска реагирам попладне, чекајќи тоа да го сторат место мене „Борците за Влае“, иницијативата О2, сопругата на Христијан Мицкоски која за една зграда во цело Влае 2 делеше флаери на плоштадот Делфина. Очекував да реагира цело ВМРО-ДПМНЕ, Левица и нормално, најголемиот борец за воздух, зеленило, против сенки, бетонизации, Невена Героргиевска. Очекував да реагира и експертот за канализации, советникот од ВМРО-ДПМНЕ Роберт Вељановски (процедурално). Таму ќе се градат една дваесеткатница, 4 седумнаесеткатници, 2 четиринаесеткатници, 6 деветкатници, 7 седумкатници и уште дузина помали згради со вкупна станбена површина од 240.000 метри квадратни. Овде ќе има околу 4.000 станови, или нови 11.000 жители, а колку што знам, вкупниот број на граѓани во оваа општина е 34.000. Што значи, бројот на жители ќе се зголеми за 30 проценти, односно за една третина. И сето тоа на граница на општина Карпош. Нели на „Борците за Влае“ и ороводците, семејството Мицкоски им сметаше само една деветкатница? Повторувам, само една. Им сметаше црква, им сметаше и градинка. Негодуваа и за изградба на улица, а сега се обидуваат со пи-ар манипулации да кажат како таму ќе се градела градинка и училиште. Па уште и на училиштето му дале име, ќе се викало Гоце Делчев. На неродениот Петко и капа му скроиле. Колку што го изградија училиштето во населбата Хром кое беше предвидено на полјаната до Жито Лукс. А владееја со Ѓорче Петров дваесетина години. Интересно е да се напомене дека дваесеткатнициве сега нема да фрлаат сенки, нема да ја запираат „ружата на ветровите“, нема да го оптеретуваат сообраќајот во Карпош, нема да вршат притисок врз градинката Пролет во Влае и врз основното училиште Димо Хаџи Димов во Влае 2. Не реагира стручњакот за канализации Роберт Вељановски, иако ѓорчепетровската канализациона мрежа го оптеретува колекторот во Карпош. Ако не веруваат дека е тоа така, да ги однесам во селото Влае, кај сифонот на Водовод, до коритото на Вардар, да видат каква непријатна миризба се шири и како живеат влаевчани. Дополнително нивниот живот ќе го загрозат двете огромни хемиски фабрики што се предвидуваат со овој ДУП и чиишто отпадни води и на сегашен Алкалоид, или како граѓаните викаат Ла Фома влегуваат токму во овој сифон и цело време се жалат на непријатната миризба токму од оваа фабрика. Вмровските пи-ар стратези се обидуваат со манипулации да кажуваат колку добро е испланирана оваа населба ама никаде не ги споменуваат овие две нови хемиски фабрики. И токму тие се причината зошто Градот Скопје не дал согласност за овој урбанистички план. Значи, усвојувањето на планот има голема фабричка мана од правен аспект, а за цепидлаките од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и независните ова не е никаков проблем, затоа што тие функционираат по принципот „сложни калуѓери и во петок мрсат“. Почитувани, Општина Карпош започнува од кружниот тек кај Порта Влае. И завршува до улица Рузвелтова или фабрика Треска. Во поранешна фабрика Треска се градат бетонски зданија, но нема проблем. Во Ѓорче Петров ќе се градат бетонски зданија и хемиски фабрики на кои местото им е надвор од Скопје, повторно нема проблем. Значи, проблем е само развојот на Карпош, а бетонските чудовишта како што тие ги нарекуваат на самата наша граница дури и ги поддржуваат и ги прават позитивни маркетички промоции. Дали е ова хуманата урбанизација на ВМРО-ДПМНЕ по принципот малку дваесеткатници, малку хемиски фабрики? Истите тие заедно со Невена Георгиевска, за проектот Алумина, каде ќе има само 2-3.000 нови жители велеа дека многу им се допаѓа, ама да не се градело во Карпош, туку некаде на друго место, по можност во Свети Николе. Истата советничка говореше дека нашите деца не мора да живеат во Карпош, може да си купат станови и куќи на друго место. Очигледно сите тие се за друго место. Каде? Веројатно претпоставувате. П.С. Голем поздрав до градоначалникот на Ѓорче Петров кого многу го почитувам. Немам ништо против него и жал ми е што планот му е со правен дефект и истиот ќе биде обжален на Уставен суд.