На покана на приватното училиште „Јахја Кемал“, денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, беше во посета на оваа училишна установа, која се наоѓа на територија на локалната самоуправа. По средбата со училишното раководство, првиот човек на Општината одржа и мотивациско предавање пред средношколците на тема менаџирање со предизвици. Во своето обраќање пред присутните, Јакимовски наведе и практични примери кои можат да се користат при управување со економските, социјалните и општествените процеси, од позиција на раководно лице.

Притоа, градоначалникот на Општина Карпош ги советуваше младите ученици да инвестираат во своето знаење,  во меѓусебни интеракции со своите соученици и да создаваат здрави животни навики. Средношколците се информираа за работата на локалната самоуправа, нејзиното функционирање и за долгорочната стратегија за развој на општината. По мотивацискиот говор присутните развија опширна дебата, при што учениците поставуваа тематски прашања на кои Јакимовски им даваше конкретни одговори.