Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски го осуди нападот врз советникот Александар Илиевски што се случи вчера и истакна дека овој инцидент само го покажува притивизмот во врвот на ВМРО-ДПМНЕ кое користи насилни методи за да дисциплинира членови на партијата. Јакимовски јавно го праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дали нападот на советникот Илиевски бил договорен за време на неговата средба за време на викендот со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Карпош, Тони Јаревски? Градоначалникот исто така праша зошто вака насилно не се однесувале кон осумте пратеници предавници кои гласаа за промена на уставното име на Република Македонија? Тој ги повика граѓаните за момент само да замижат и да замислат како овие луѓе ќе се однесуваат ако утре не дај Боже, дојдат на власт?

Го осудувам нападот врз советникот што се случи во текот на вчерашниот ден. Морам да кажам дека и во минатото сме имале политички противници, сме имале причини за кои што се дискутирало, меѓутоа ваков преседан никогаш не се случил да биде нападнат советник од општина Карпош кој што има различно мислење од неговата  советничка група. Основната причина зошто е нападнат советникот на кој што веќе подолго време му се праќаат закани е за неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да може да прави поголеми опструкции од овие што сега ги прави. Јасно е дека советникот, со начинот на кој што функционира советничката група ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош, не се согласува подолго време и тоа е причина за заканување на истиот од колеги советници како и од обезбедувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Ова само го покажува примитивизмот во врвот на ВМРО-ДПМНЕ во нивното раководство кое користи насилни методи за да дисциплинира членови од партијата кои што мислат во интерес на граѓаните за кои што тие самите се избрани и за кои што добиле мандат да ги застапуваат во општина Карпош. Сакам јавно да го прашам господинот Мицкоски ова ли го договараа на ручекот кај пратеникот и претседателот на ОК Карпош, Тони Јаревски за време на викендот, напад врз советникот на кукавички начин, скриени со маска? Очигледно е дека се влезени во некој филм. Зошто вака насилно не се однесуваа кон оние осумте предавници што го променија името на Република Македонија, и што го поддржаа договорот од Нивице? Се однесуваат насилно кон оние за кои мислат дека се посилни. Очигледно дека ова нивно раководство се заканува и на градоначалничката на Скопје, ми се закануваат мене, се закануваат на советници, се закануваат на граѓани и бизнисмени. Јас само сакам да ги повикам граѓаните на општина Карпош, да замижат и да помислат, како овие луѓе ќе се однесуваат ако не дај Боже дојдат утре на власт. Кога ти е од опозиција се однесуваат како насилници како варвари, тек што ќе прават ако се докопаат на власт во Република Македонија, изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.