Под мотото „Јазикот е бисерен ѓердан“ учениците од ООУ „Аврам Писевски“ денеска го одбележаа Светскиот ден на мајчиниот јазик.

Во рамки на културно-уметничката програма, основците говореа за совладувањето на јазичните бариери, како и за значењето и историската димензија на македонскиот литературен јазик. Оваа манифестација помина во мултиетнички предзнак, бидејќи се рецитираа поетски творби на македонски, ромски и албански јазик. Од особено значење беше присуството на претставниците од Државното училиште за средно образовани деца со оштетен слух „Партенија Зографски“.

Во таа насока, на специјалниот знаковен говор на јазикот на глувонемите беше проследен настапот на група ученици, кои ја рецитираа песната „Без јазик си никој и ништо“.

Сценската изведба на учениците од ООУ „Пашко Васа“ од с. Групчин, практично демонстрираше како се совладуваат јазичните бариери. Имено, ова училиште е  повеќегодишен партнер со ООУ „Аврам Писевски“ во рамки на проектот  „Меѓуетничка интеграција во образованието“.

Во свечена атмосфера, директорката на ООУ „Аврам Писевски“, Марина Милеска, им додели пофалници на претставниците на двете училишта со кои имаат повеќегодишна соработка.