Основното училиште ,,Владо Тасевски“ од  Општина Карпош, денеска  прослави јубилеј –  60 години  постоење. Училиштето кое  своето име го добило по македонскиот револуционер од Втората светска војна, кој херојски го загубил животот во битка со окупаторот, шест децении создава образовани кадри кои денес се познати и признати општествени личности.

По тој повод, во присуство на претседателот  на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаровски, секретарот на локалната самоуправа Бојан Милошевски, директорката на училиштето Елка Даскалова, сегашниот и поранешен наставен кадар, родителите и други  гости, учениците  изведоа  неколку пригодни точки. Во училиштето беа претставени и ликовни творби, изработени од самите ученици, а беше презентиран и краток видео запис со кој се прикажа историјатот на оваа образовна институција. Исто така,  со рецитали,   песнички и хорски изведби, основците го одбележаа својот патронен празник, на кој, директорката  Елка Даскалова истакна дека се особено горди.

 

–                    Денеска е голем празник за нашето училиште, бидејќи одбележуваме шест децении постоење. Владо Тасевски е училиште кое може да биде гордо на своите генерации ученици, зашто денес тие се успешни доктори, правници, економисти и општествено реализирани личности. Се трудиме постојано да се надоградуваме, поради тоа што современите технологии бараат помодерен пристап во наставно – образовниот процес. За таа цел, нашите образовни кадри постојано се усовршуваат, сé со цел да им пренесат што поквалитетно знаење на своите ученици, нагласи Даскалова.

 

Владо Тасевски е училиште од Карпош, чиишто ученици, добивале награди на многу градски и државни натпревари по математика, биологија, географија, историја и други наставни  предмети.