Во присуство на голем број љубители на “играта на мудреците“, официјално започна шестиот по ред Меѓународен шаховски турнир „Опен Карпош 2016“.

 Под покровителство на локалната самоуправа, Општина Карпош и со поддршка на Град Скопје, а во организација на шаховскиот клуб „Гамбит Асеко СЕЕ“, овој меѓународно реномиран шаховски турнир се одржува по шести пат.

Според зборот на директорот на „Опен Карпош 2016“ и градоначалник Стевчо Јакимовски, од година во година, турнирот прераснува во вистински шаховски храм. Со овој голем спортски настан Општина Карпош го открива духот на гостопримството, ширум отворајќи ги своите порти за љубителите на шахот. Имено, наредните седум дена, ќе се натпреваруваат над 200 врвни шахисти, од кои 26 велемајстори, 26 интернационални мајстори и околу 30 фиде мајстори кои доаѓаат од 25 земји ширум светот.

                Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој официјално го прогласи турнирот за отворен, на кратко, се наврати на почетоците на оваа спортска манифестација.

                –Почнавме во 2011 година, скромно со 74 учесници, но „Опен Карпош“, од година во година, се повеќе прераснуваше во елитен турнир.  Така, оваа година се пријавија повеќе од 200 шахисти кои ќе ги „вкрстат“ фигурите со нивните врвни колеги. Добриот глас, велат далеку се слуша. Благодарение токму на „Опен Карпош“, квалитетната организација и напори кои ги вложуваме како локална самоуправа, но пред сé, преку задоволството од неговите учесници, тој се вбори меѓу 10-те најквалитетни шаховски турнири во Европа. Ние заедно со нашиот традиционален партнер шаховскиот клуб „Гамбит Асеко“, успеавме да го добиеме и организирањето на Европското клупско првенство во шах, кое  се одржа од 17-ти до 25-ти октомври минатата година – рече Јакимовски и со задоволство напомена дека локалната самоуправа, во рамките на „Опен Карпош“,  досега успеа да угости повеќе од 1.000 врвни шаховски имиња, почитувани велемајстори и интернационални и ФИДЕ мајстори. Патем тој им даде можност на стотици илјади љубители на шахот ширум светот, да ги следат натпреварите во живо, преку интернет.

Општина Карпош направи од овој турнир препознатлив шаховски бренд, кој во себе ги содржи синонимите за мудрата мисла,   спортскиот   инстинкт   и   ферплејот.   Со   ваквата   посветеност   кон древниот   спорт,   Општината   несомнено   стана   маркантна   точка   на светската шаховска мапа.

Наградниот фонд оваа година изнесува 10.000 евра, а за најдобриот шахист се обезбедени 2.800 евра.