Во сабота, на 1 април, свечено ќе се отвори  VII-от по ред Меѓународен шаховски турнир „Опен Карпош-2017“.

Под покровителство на Општина Карпош, а во организација на шаховскиот клуб „Гамбит Асеко СЕЕ“, овој турнир во „најмислечката игра“ кој прераснува во светски бренд од највисок ранг,  ќе трае цела недела, односно од 1 до 8 април. Традиционално, турнирот ќе се одржи  во хотелот „Александар Палас“.

На овој голем шаховски настан во Карпош кој се вбројува меѓу топ десетте кои се организираат во Европа ќе учествуваат над 200 високо рангирани шахисти, велемајстори и интернационални мајстори од 30 земји.

Шаховскиот турнир во наредните седум дена ќе се одигра во девет кола. Во недела на 2 април ќе се одиграат две кола од 9.30 часот и од 17 часот, а потоа секој нареден ден натпреварувањата ќе почнуваат од 17 часот. Наградниот фонд за шаховскиот турнир изнесува 10.200 евра, а за најдобриот шахист за оваа година  наградата изнесува 2.000 евра.