Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби  3 декември, Одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Карпош денеска организираше хуманитарен настан. ООУ „Лазо Трповски“,  ширум ги отвори портите за лицата со посебни потреби кои се жители на општината со најголема социјална инклузија – Карпош.

Заменик-раководителката на Одделението за детска, здравствена и социјална заштита Гордана Зафировска- Стојчевска истакна дека локална  самоуправа во континуитет се грижи за оваа категорија граѓани преку целата година, а не само на овој ден. 

–                    Ние сме хумана и отворена Општина, за сите наши граѓани. На секој начин, согласно  надлежностите кои ги има Општина Карпош постојано излегуваме во пресрет и им помагаме на лицата со посебни потреби кои се жители на Карпош – нагласи Стојчевска- Зафировска.

 

Претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски од името на градоначалникот на Општината Стевчо Јакимовски,   се обрати пред присутните истакнувајќи  дека  седма година по ред, локалната самоуправа обезбедува финансиски средства со која им помаѓа на своите сограѓани.

–                    Морам да напоменам дека наредната година, во буџетот на Општина Карпош се предвидени двојно повеќе средства од овогодинешните, и се надевам дека оваа помош во наредните години се повеќе ќе се зголемува. Општинската администрација, преку соодветните служби е секогаш отворена  за соработка,  за нудење на помош и  заштита, која  ви е потребна, во текот на целата година – посочи претседателот на Советот на Општината Сашо Лазаровски.

 

Покрај меѓусебната дружба, лицата со посебни потреби кои живеат на територијата на Општина Карпош добија и еднократна парична помош во вредност од  3.000 денари.