Вчеравечер, Карпошовото културно лето продолжи со настапот на Никола Тони. Познатиот ди џеј, перкусиунист,  музички селектор и тапанар, повеќе од два часа ги забавуваше  присутните  карпошани  пуштајќи електронска (хаус) музика. Заедно со  звукот кој се добиваше од удирањето на тапаните, Никола Тони создаде една одлична музичка атмосфера и вечер за паметење на овогодинешното карпошово лето. Познатиот музичар, својот музички талент, го проширил и надвор од границите на Македонија.

Во 2012 година со шпанскиот продуцент Дани Кохиба ја снима песната „ Lose Control“ , со што се пробива и на светскиот музички пазар.

 

Љубителите на уметноста  пак, имаа извонредна можност во живо да го гледаат творењето на уметникот Милан Андов, кој својот уметничко- сликарски  талент го демонстрираше на платно додека траеше настапот на Никола Тони. Присутните гости, беа воодушевени од сликарското дело на младиот уметник.

 

Исто така, почитувачите на добрата фотографија имаа можност да ја разгледаат изложбата на Филип Зафировски, млад професор роден во Скопје, кој денеска живее и работи во Париз, Франција. Филип веќе неколку  години  е вклучен во улога на преведувач во соработката која Општина Карпош ја има со  регионот Долна Нормандија. Како вљубеник во француската култура и архитектура, младиот Зафировски овековечил одлични пејсажи,  историски  градби и споменици, и на тој начин „ одблиску“ на Карпошани  им ја пренесе богатата француска  историја, култура и преубавата природа.