Овогодинешното културно лето во Карпош заврши вечерва. Традиционално, како и претходните културни лета, така и ова изобилуваше со настани за сечиј вкус.

Карпошани уживаа во музиката на нашата поп ѕвезда Елена Ристеска, која го отвори ,, Карпошовото културно лето“ , потоа се забавуваа со песните на Влатко Илиевски, етноинструменталниот концерт на маестралната  Андријана Јаневска. Исто така музичката група ,, Темпера“ ги забавуваше љубителите на рок музиката. Ова лето,  имаше и ликовен перформанс со изложба на уметнички дела, кои можеа да бидат купени по симболична цена, а приходите од продажбата беа наменети за настраданите во поплавата од 06.08.2016 година во скопскиот регион. Најголем музички настан  ова културно лето беше концертот на  поп- рок групата од Сараево ,, Хари  Мата Хари“ , која на плоштадот ,, Делфина“ во населбата Влае, направи одлична забава на која најмногу играа и пееја средовечните ,, ЈУ- генерации“.  Ова ,, Карпошово културно лето“ ги уважи и најмалите карпошани со дневна програма во која беше вклучена детска музичка програма, Арт работилница и претстава. Феноменална културна вечер приредија и фолклорните групи од соседна  Бугарија и блиска Босна и Херцеговина, како и етно групите од Полска и Словачка. Секако тука беа и нашите АКУД ,, Мирче Ацев“ и ,, Етнос“ кои со своите ора и песни ја презентираа нашата изворна фолклорна традиција. Карпошовото културно лето заврши онака како што доликува: со  културна димензија, без многу помпезност, со умереност и со многу позитивни вибрации  меѓу присутните гости. Последната вечер Харе и Гиш во релаксирана атмосфера со изведба на странски нумери, комуницирајќи со публиката го затворија ова културно лето во Карпош, оставајќи слика, дека и наредното јубилејно десетто по ред културно лето, ќе го оправда веќе создадениот епитет за најголем културен бренд во Општина Карпош.