Младите одбојкарки од „Фит Фан Волеј” од Општина Карпош, се старо-нови шампионки на Државното првенство за пионерки, откако викендов (03.06.2017), во одбојкарското финале, убедливо со 3:0 во сетови, ги совладаа своите ривалки на Тетовски „Љуботен”.

Во организација на Одбојкарската федерација на Македонија, финалниот натпревар се одигра во спортската сала на ООУ „Невена Георгиева – Дуња” во Општина Кисела Вода.

 
Под водство на тренерите Благоја Ставревски и Атанас Филиповски, одбојкарките од „Фит Фан Волеј” одиграа одлично во групната фаза, а прв вистински предизвик беше гостувањето во Струмица. Во крајно неизвесниот меч,  клубот од Карпош успеа да победи со 3:2 во сетови. Оттаму, оваа голема победа се покажа како вистинска пресвртница која дополнително ги мотивираше одбојкарките од „Фит Фан Волеј” во својот пат до финалето. 
 
До шампионската титула, девојчињата стигнаа со напорни тренинзи и максимална подготвеност на технички и тактички план. Во тимот од Карпош подеднакво добро функционираа сите елементи од нападот, одбраната и организацијата кои се покажаа како клучни фактори за освојување на престижната државна титула. За колективниот успех на тимот, покрај одбојкарките и тренерите, голема заслуга има и Општина Карпош, која континуирано го помага клубот во својот развој.
 
Државниот одбојкарски турнир за пионерки се одигра во поинаков формат од ланскиот, со тоа што се одржаа двојно повеќе натпревари во завршниците. Имено, играјќи во групи, одбојкарките од осминафиналето, па сé до финалниот натпревар играа во две добиени утакмици, каде што секоја екипа одигра на домашен и гостински терен.