Овластениот инспектор за животна средина при Општина Карпош утринава беше на терен во индустриската зона Момин Поток и во контрола на фирмата за преработка на алуминиум за која по социјалните мрежи и дел од порталите излегоа информации дека е меѓу главните загадувачи во Карпош.

Оваа фирма веќе подолг период, од пред Нова година не работи – не врши дејност, констатираше денес нашиот инспектор по извршената контрола.

Инаку, уште во 2018 година спроведени се повеќе мерења кај фирмата, при што не беа констатирани емисии надвор од дозволените граници.

Надлежноста за фирмата која врши дејност – топење и преработка на алуминиум е на Државниот инспекторат за животна средина. И покрај тоа, нашата инспекција секојдневно го контролира теренот и постапува по службена должност или по пријава постапува согласно законските обврски. 

Оттаму, нема простор за ширење на паника. За жал, на социјалните мрежи и на дел од порталите се споделуваат лажни вести кои имаат за цел да предизвикаат паника меѓу граѓаните.

Инспекторските служби на Карпош и во претстојните денови ќе бидат во контрола на целиот потег во Момин Поток кадешто се вршат мали стопански дејности и ќе бидат во редовна координација со Државниот инспекторат за животна средина и со градските власти.