Под покровителство на Општина Карпош, неделава, експертите од Регионалниот Експертски Центар за родителски вештини при невладината групација „Алтернатива“, одржаа тридневна обука за унапредување на менталното здравје на децата. Обуката беше наменета за стручните кадри (педагози, психолози и наставници) од десетте основни училишта кои се наоѓаат на територија на Карпош. Имено, станува збор за реализација на првата фаза од проектот „Советувалиште за родители при општина Карпош“, кој Општината од својот буџет го поддржува со финансиски средства во висина од 300.800 денари.

 

По тој повод денеска, проф. д-р Марија Ралева им ги врачи сертификатите на учесниците на обуката, кои понатаму во улога на стручни фацилитатори ќе одржат средби со родителите на децата (од 6 – 10 годишна возраст), кои воедно се ученици во основните училишта во Карпош. На овој начин фацилитаторите (обучувачите) преку пет организирани сесии, ќе го пренесат своето искуство и знаење на родителите, кои понатаму треба да разговараат и позитивно да влијаат врз своите деца, со цел, унапредување на нивното ментално здравје.

 

Според координаторката за еднакви можности на жените и мажите при Општина Карпош, Виолета Михајловска, во рамки на третата фаза од проектот (во септември годинава), треба да започне со работа и Канцеларијата, (советувалиште) за родители, кое ќе функционира во рамки на ООУ „Јан Амос Коменски“. Со целосна реализација на проектот, Општина Карпош се наметнува како пионер во оваа иницијатива која ги вклучува образовните институции, родителите и основците. Конечниот исход треба да резултира со поефикасна превенција на насилството врз децата од секаков вид, но и со создавање на психолошко здрави и стабилни личности.