Денеска, во ООУ „ Јан Амос Коменски“, кое го носи името на големиот чешки писател, културен и образовен деец, се одржа работен состанок помеѓу претставници на Општина Карпош и чешкиот град Курим.

Претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев, им се заблагодари од името на градоначалникот на Општината Стефан Богоев за нивната официјална посета на локалната самоуправа и нагласи дека локалната власт секогаш е отворена за воспоставуње на блиска соработка со општини од соседството, како и од Европа.

     – Општина Карпош е една од најурбаните општини на територијата на нашиот главен град Скопје, и воопшто во Република Македонија. Во неа постојат голем број на институции, спортски објекти, основни и средни училишта, како и  факултети. Нашата локална самоуправа е збратимена со голем број на општини од соседните држави и од поширокиот регион. Ни претставува голема чест и задоволство, што токму со вашата општина воспоставуваме врски, за кои сум убеден дека во иднина ќе ги продлабочиме, потенцираше Манолев.

   Градоначалникот на Општина Курим, Драго Сукаловски, се заблагодари на поканата и истакна дека оваа посета ќе претставува можност  за поврзување на двете општини од двете земји Република Македонија и Чешката Република, како и меѓу културни, спортски, образовни друштва и институции за во иднина.

      – Ќе работиме на наше поголемо меѓуопштинско и меѓудржавно поврзување, сé со цел нашите млади да се запознаат подобро. Ќе востпоставиме соработка во областа на образованието, спортот, културата, уметноста и на тој начин многу повеќе ќе се запознаеме помеѓу нас, како два блиски народи и две држави, истакна градоначалникот Сукаловски.

   Директорката на ООУ „ Јан Амос Коменски“ Емилија Арсовска, се заблагодари на претставниците од оваа општина, што токму соработката помеѓу двете општини, ќе започне со воспоставување на подлабока и официјална соработка со основното училиште од оваа општина „ Југманнова“.

      – Искрено, како училиште кое го носи името на вашиот голем национален деец  Јан Амос Коменски, ние сме горди и среќни што воспоставуваме соработка од полето на образованието. Преку поврзувањето на нашите основци, ќе се запознаеме меѓусебно, ќе научиме повеќе за нашите истории, култури, знаменитости. Исто така, училиштата ќе можат да споделуваат свои искуства од наставно-образовниот процес и секако, да црпат нови методи и сознинија, нагласи Арсовска.

 

    Сите претставници на денешниот состанок беа едногласни дека ова е само почеток во создавање на едно големо пријателство помеѓу двете општини, почнувајќи со соработка помеѓу двете основни училишта, како појдовен  потенцијал за развивање на културната, економската, спортската, уметничката соработка меѓу двете општини, како и меѓу двете држави.