Најталентираните ученици од десетте основни училишта, на територија на Општина Карпош,  преку ликовно-музички хепенинг, го одбележаа 40 годишниот јубилеј на Општината.

Во рамките на програмата на Денови на Општина, основците на слободна тема ги одсликаа на хартија своите уметнички дела кои потоа беа изложени за време на музичкиот концерт  на денешниот  хепенинг. Се сликаше во различни техники, а од приложеното можеше да се види талентот и желбата, како и уметничкиот доем кои основците од Карпош го имаат стекнато.

По едночасовното сликање, со свој музички перформанс се претставија сите десет основни училишта на овогодинешниот музички концерт, кој беше организиран од Одделението за спорт и култура при локалната самоуправа. Нежните звуци на виолината и гитарата, разиграните прсти на пијаното и прекрасните вокални способности, беа дел од музичкиот концерт на кој можеше да се слушне и да се ужива во сетоа она што младите карпошани го подготвија за роденденот на Општина Карпош. Во рамките на денешната манифестација присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски кој во оваа пригода им ги додели дипломи за учество во ликовно-музичкиот хепенинг.