Четворица  третоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ од Карпош,  Дамјан Симески, Јосип Радетиќ, Лара Јакимова и Петар Ѓорѓиев предводени од одделенската наставничка Дијана Петроска и предметниот наставник Стефан Симовски, со свои ликовни творби  беа учесници на 25. јубилеен Меѓународен ликовен натпревар „Пријатели на мирот 2022“, за што добија посебни признанија од УНИЦЕФ.  Станува збор за  традиционална манифестација којашто се одржува во Њујорк, САД. Ликовниот натпревар е по повод 20 ноември – Светскиот ден на детето,  и  е востановен од Фондот за деца на Обединетите нации – УНИЦЕФ.

Годинава со свои ликовни творби во овој глобален проект учествуваа 4.540 деца од 77 земји.

Темата на годинашниот ликовен натпревар, беше „Да владее мир на Земјата“.

Целта на овој глобален проект којшто изминативе 25 години се реализира во 116 земји под покровителство на УНИЦЕФ  е да ја поттикне свеста кај децата ширум светот, на возраст од 5 до 16 години, за креативно изразување.  Оваа меѓународна програма има намера да ги охрабри децата преку креативни активности да бидат посветени на промовирање на мирот и да создаваат иднина во која ќе владеат хармонија и меѓусебно разбирање.

Ликовните творби  на учесниците ООУ „Лазо Трповски“ кои за своите дела се признаени за амбасадори на мирот, ќе бидат изложени на светската изложба што ќе се одржи на почетокот на следната година во Соединетите Американски Држави.