Со планираните буџетски средства во вредност од 1.000.000 денари, општина Карпош ќе го реализира Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП 2) за 2021 година. Во таа насока, советниците од Карпош, во рамки на 54. седница на Советот, го поддржаа едногодишниот Акционен план кој е во рамките на поголемиот, петгодишниот ЛЕАП, којшто предвидува низа активности за заштита и унапредување на животната средина.
Една од позначајните мерки е набавката на мобилен инструмент за мерење на загадувањето на амбиенталниот воздух (PM10, PM2,5, CO2, SO2, NO2, CO) во вредност од 500.000 денари. Овој инструмент, којшто се развива преку Фондот за иновации и веќе подолго време се тестира во општина Карпош, ќе овозможи мерења на разни локации и детектирање на потенцијалните загадувачи.
На денешната седница, Советот ја поддржа одлуката за кофинансирање на заедничкиот проект меѓу општините Карпош, Центар и Кисела Вода, за отворање на Центар за работа со талентирани ученици од основните училишта. Во рамки на проектот за кој Центарот за развој на Скопскиот плански регион аплицираше во Бирото за регионален развој, ќе бидат опремени три простории за различни намени.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за предлогот за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу општина Карпош и Град Скопје, за планирање и проектирање на сообрќајници (С1 и С2), јавни паркиралишта и парк со површина од 86.676 м2.
Просторот кој е предмет на планирање, се наоѓа во општина Карпош во рамките на Градската четврт „ЗО1“, со граница од западна страна определена со заштитно бунарско подрачје „Лепенец“, од север со патека на кејскиот ѕид на реката Вардар, од исток со улицата Љубљанска и од југ со булеварот Илинден. Средствата потребни за реализација на оваа одлука во висина од 3.000.000 денари се предвидени во буџетот на Град Скопје за 2021 година.
Како дел од оваа институционална соработка ќе биде поставена и урбана опрема за спорт и рекреација. Според договорот, Град Скопје ќе обезбеди финансиски средства во износ од 407.456 денари, а дополнително ќе се определи локацијата во Карпош, каде што ќе биде монтирана урбаната опрема.
Со истата динамика, на 54. седница на Советот беше поддржана и одлуката за прифаќање на донација за добиен грант од Фондот за иновации и технолошки развој, наменет за две основни училишта кои функционираат на територија на општина Карпош.
Имено, наставниците од ООУ „Вера Циривири Трена“ конкурираа со проектот по биологија насловен како „Напредна биологија за нашата екологија“ за кој ќе им бидат доделени 225.000 денари. Нивните колеги од ООУ „Јан Амос Коменски“ подготвија проект по хемија, насловен „Бојата на светлината, растот на растенијата и Microbit“, за кој ќе добијат грант од 110.000 денари. Просветните работници треба да ги реализираат своите проекти, во времетраење до шест месеци.