Во рамки на 18. седница на Советот која се одржа денеска во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, советниците го изгласаа Буџетот на Општина Карпош за 2023 година. Претходно, Министерството за финансии ја извести општината дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за локалната самоуправа за 2023 година ќе изнесува  496.229.698 денари.

Меѓутоа, со дополнителните средства кои општината ќе ги добие како приход од ДДВ за 2023 година во износ од 23.142.662 денари, висината на вкупниот износ на основниот буџет на Општина Карпош ќе изнесува 519.372.360 денари. Следствено на горенаведеното, консолидираниот Буџет (вклучувајќи ги тука и сите основни училишта и детски градинки на територија на локалната самоуправа), ќе изнесува 1.135.856.000 денари и истиот ги содржи следниве планирани извори на приходи од кои ќе се финансираат расходите на општината со Буџетот за 2023 година.

Имено, даночните приходи изнесуваат 456.341.000 денари или 40%, неданочните приходи се движат во висина од 69.448.000 денари или 6,1%, додека пак капиталните приходи ќе бидат 13.150.000 денари, или поточно 1,2 %. Трансферите и донациите се утврдени на 596.917.000 денари или 52,7%.

Во рамки на седницата, советниците ги поддржаа и годишните програми за активностите на Општина Карпош, кои ќе бидат реализирани преку секторите и одделенијата на локалната самоуправа. Оттука, Секторот за екологија и енергетска ефикасност за спроведување на своите годишни активности проектираше финансиска  рамка од 145.000.000 денари, кои ќе бидат планирани со општинскиот Буџет за 2023 година. Финансирањето на активностите утврдени со програмата на Одделението за односи со јавноста изнесува 2.325.000 денари, на Одделението за образование 15.240.000 денари, а за активностите од областа на еднакви можности меѓу жените и мажите се планирани 800.000 денари.

Според предлог-програмата за активностите на локалната самоуправа во областа на информатичката технологија за 2023 година, предвидени се 4.000.000 денари, додека пак проектите од областа на културата ќе бидат поддржани со финансиски средства во висина од 4.000.000 денари. За развојот на општината, според годишната програма се предвидени 5.243.000 денари, а за поддршка на активностите од областа на спортот се планирани 6.450.000 денари. Според програмата за урбанистичко планирање за 2023 година, во Буџетот на Општина Карпош за оваа ставка се предвидени 950.000 денари, а за финансирање на активностите на Одделението за заштита и спасување на граѓани и материјални добра, ќе бидат обезбедени 2.460.000 денари.

Според годишната програма за урбано планирање, поточно во подпрограмата според која се финансираат тековно – оперативните трошоци се предвидени 500.000 денари. Во подпрограмата за уредување на градежно земјиште се предвидени 3.000.000 денари, додека пак во истата подпрограма под ставката капитални трошоци кои се однесуваат на капитални изградби (водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, пристапни патеки и сл.), се предвидени 14.550.000 денари. Во подпрограмата за енергетска ефикасност за оперативни трошоци кои се наменети за тековни трансфери кон граѓаните, за фасади, лифтови и покриви, се планирани 22.000.000 денари.

За одржување на урбаната опрема (клупи, корпи за отпадоци, одржување на патеки за ролери  и други браварски работи), предвидени се 16.300.000 денари,  а за јавното осветлување се обезбедени 56.000.000 денари. Во подпрограмата за јавна чистота се предвидени 40.800.000 денари. За одржување и заштита на локални патишта и сервисни улици  се предвидени средства за тековно оперативни расходи во износ од 15.000.000 денари. Притоа, овие средства се обезбедени од планираните изворни средства од Буџетот на општината во износ од 12.381.000 денари, вклучувајќи ги тука и 2.619.000 денари од ЈП за Државни патишта. Според подпрограмата за одржување на паркови и зеленило, поточно за одржување и реконструкција  на постојаните јавни површини и за изградба на нови зелени површини, предвидени се 6.200.000 денари.

За одржување на постојните паркиралишта и изградба на нови паркиралишта, плоштади и платоа се предвидени 1.100.000 денари, а за изградба  на нови системи за јавно осветлување (изградба на нови линии за јавно осветлување на сервисни и станбени улици,  за осветлување на детски спортски игралишта, паркинзи  и јавни површини) се предвидуваат 4.000.000 денари. Во подпрограмата за изградба и реконструкција на локални, станбени и сервисни улици се предвидуваат 30.819.000 денари. Оттука, за изградба и реконструкција на улиците на територија на локалната самоуправа обезбедени се 2.619.000 денари  од ЈП за Државни патишта, а останатите средства во износ од 28.200.000 денари се обезбедени од Буџетот на општината.

За капитални расходи во подпрограмата за спорт и рекреација (изградба на нови спортски и детски  игралишта), предвидени се 1.000.000 денари. За реконструкција на детските градинки во 2023 година се планираат 1.200.000 денари, додека пак за реконструкција и   на основните училишта ќе бидат обезбедени 6.600.000 денари. За тековно одржување на основните училишта како оперативни расходи се планирани 10.000.000 денари.

Од програмата за капитални трошоци на општината се предвидуваат финансиски средства во висина од 20.000.000 денари. Станува збор за средства кои се планирани за доградба на општинската административна зграда.

Според предлог-програмата за активностите на Општина Карпош во областа на месната самоуправа за 2023 година, планирани се 300.000 денари.

Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Општина Карпош за 2023 година, водејќи се според развојните приоритети и цели за реализирање на планираните активности, предвидува потребна финансиска рамка од 7.240.500 денари.

 

Советниците дадоа „зелено светло“ и за Стратешкиот план за развој на Општина Карпош, кој го опфаќа периодот од 2022 до 2026 година. Станува збор за стратешки документ чија намена е да ги поддржи носителите на одлуки во општината при нивната работа, со цел успешно управување со развојот на локалната самоуправа. Со планот се утврдуваат приоритетите според кои ќе бидат насочени општинските ресурси, за подобрување на нивото на економска активност во општината, вработувањето, животниот стандард, како и благосостојбата на граѓаните.

Подготовката на документот се одвиваше преку состаноци и насоки од општинската администрација, контакти со локалните бизниси, невладини организации, како и предлози од граѓаните од Карпош, со цел вклучување на поголем број на предлог-проекти, со посебен акцент на партнерство меѓу локалната самоуправа и релевантните субјекти. При изработка  на стратегијата за развој, активно беа вклучени и советниците од сите пет советнички групи, кои го сочинуваат Советот на Општина Карпош, преку детектирање на сите проблеми и давање на директни предлог-идеи за подобар развој на локалната заедница.

Стратешкиот план се темели врз елаборирање на седум главни точки кои опфаќаат краток преглед на состојбите и опкружувањето во општината,  анализа на поширокото опкружување преку ПЕСТЛЕ анализа, која вклучува политички, економски, социо-културолошки, технолошки, еколошки и правни (макроекономски) фактори, како и СВОТ анализа на единицата на локалната самоуправа. Потоа, во стратешкиот документ се наведени и факторите на економскиот развој, мисијата, визијата и општата цел, а посебен акцент е ставен врз стратешките приоритети и цели на Општина Карпош, преку долгорочни стратегиски насоки. Оттука постои  усогласеност на стратешките општински приоритети со релевантните европски, национални, како и регионални Стратешки документи. Последната точка од документот се однесува на имплементација и индикатори за успешност, која се потпира врз градење  на партнерства со донаторски организации и програми (ЕУ-програми, регионални ИПА-фондови, фондови од Светска банка, УНДП, УСАИД и сл.). Од особено значење е и соработката со повисоките нивоа на власт (Град Скопје, Скопски плански регион, државни институции, агенции и министерства на Владата на РСМ), општинските јавни институции, како и бизнис и невладиниот сектор и секако, интеграција на граѓаните преку учество во планираните проекти.

 

Со одлука на Советот беше прифатена одлуката за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште за доградба на забавен парк, според урбанистички проект за разработка на Г.П.3.1 од ДУП за централен Градски Парк – Блок 3, локалитет Градски Парк, со намена Д3 односно – спорт и рекреација со средства во износ од 1.349.613,00 денари. Попрецизно, станува збор за бруто корисна површина од 255,60 м2 или нето наплатна површина од 191,94 м2. Уредувањето на градежното земјиште ќе биде на товар на инвеститорот односно на Град Скопје.

Советниците ја поддржаа и одлуката за прифаќање на метеоролошка опрема за трајно користење без надомест од Владата на РСМ (Министерство за животна средина и просторно планирање), која ќе биде отстапена за користење на ООУ „Лазо Трповски“. Станува збор за движни ствари (метеоролошка дрвена куќичка со столб и стопа за монтажа, како и лабораториска чаша) со вкупна вредност од 14.927 денари.

Со истата динамика, советниците дадоа согласност и за одлуката за прифаќање на метеоролошка опрема на трајно користење без надомест, од Министерство за животна средина и просторно планирање. Имено, оваа опрема ќе биде отстапена на користење на ООУ „Петар Поп Арсов“, а истата се состои од дождомер ф.85мм, дигитален термометар, дигитален влагометар со термометар, метеоролошка дрвена куќичка со столб и стопа за монтажа, дигитален убоден термометар (за почва), анероиден барометар и лабораториска чаша. Вкупната вредност на движните ствари со вклучен ДДВ изнесува 23.010 денари.