Со цел партиципативно и транспарентно донесување на важни одлуки во општината заедно со граѓаните од Карпош, вчеравечер во рамки на училишниот хол на ООУ „Лазо Трповски“, се одржа третата Форумска сесија од Проектниот форум во заедницата. За потсетување, овој Форум е дел од компонента на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој локалната самоуправа го реализира во партнерство и со финанасиска подршка на Швајцарската влада (Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC), Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.

 

Водејќи се според работната агенда, присутните граѓани направија кус преглед на претходната (втора) сесија, како и на работата меѓу сесиите. Оттаму, работните групи се фокусираа кон презентација на петте предлози,  за кои во минатата (втора) сесија беше прифатен заклучокот дека треба да бидат детално оформени и разработени. Притоа, користејќи соодветен аналитички пристап беа презентирани  предлог – проектите за „Соларни панели на малите буџетски корисници“, за „Модерен училишен спортски центар во ООУ Петар Поп Арсов“, за „Реконструкција на спортската сала во ООУ Лазо Трповски“, за „Изградба на сензорна соба во детските градинки“, како и за „Опремување на лаборатории во кабинетите по Биологија“.

 

На крајот од секоја презентација, карпошани развија конструктивна дискусија по што следуваа логични коментари, предлози, препораки и насоки за понатамошно дејствување. На крајот на оваа опширна трета Форумска сесија, работните групи дадоа оценка за постигнатите досегашни резултати од овој процес, при што го „трасираа патот“ за следните чекори кои ќе ги преземат во пресрет на претстојната – четврта Форумска сесија, која треба да се одржи кон крајот на месецов.