Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска оствари средба со делегатот, претставник на Република Македонија во Советот на Европа, Филип Ѓурчески, придружуван од повеќе млади лица во рамки на проектот “Транспарентност за подобар свет”, чија цел е зголемено младинско учество и промоција на Советот на Европа.

На средбата, присутните млади лица, средношколци од средните училишта на територија на Општина Карпош, имаа можност да се информираат за отвореноста и транспарентноста на локалната самоуправа.

Богоев ги извести присутните дека Општината е отворена во секој поглед.

– Достапни сме секојдневно, за средби со граѓаните, а постојано одговараме и на социјалните мрежи и другите канали за комуникација. Транспарентноста и отвореноста ја манифестираме и со нашата присутност на терен, рече Богоев.

Во директен разговор со градоначалникот присутните се интересираа и за повеќе актуелни прашања.

Вниманието им го привлекло картичката за попусти “Мој Карпош”, проект чија примарна цел е да ја раздвижи локалната економија, да понуди попусти и бенефиции за жителите на Карпош но, и да се зголеми посетеноста и профитабилноста на локалните бизниси.

Исто така, Богоев ги информираше младите и за постапката за ресетирање на Локалниот младински совет, во кој ќе бидат вклучени и претставници од средношколските организации.

Во насока на заштита на животната средина, беа презентирани активностите кои Општината ги презема во изминатиот период. Имено, ангажирани се поголем број на хигиеничари, рамномерно распоредени во сите урбани заедници, засадени се нови 155 дрвја, а локалната самоуправа посветено работи и на користење на обновливите извори на енергија.