Во организација на Црвениот Крст – Карпош, Институтот за трансфузиона медицина, со поддршка на Општина Карпош, денеска во рамки на спортската сала на ООУ „Лазо Трповски“, почитувајќи ги ковид протоколите  се одржа еднодневна крводарителска акција која се реализира по повод претстојниот роденден на локалната самоуправа (3. ноември).

Солидарните граѓани ќе имаат можност да ја покажат својата хуманост на дело, дарувајќи крв во периодот од 09:00 до 17:00 часот. Во таа насока, Општина Карпош преку своите канали за комуникација го извести персоналот во детските градинки, основните училишта, вработените во општинската администрација, советниците од Карпош и пошироката јавност, за терминот и локацијата каде ќе се одржи крводарителската акција. Со оглед на досегашното искуство, Секторот за развој на општината очекува до крајот на акцијата да бидат собрани повеќе од 100 крвни единици.

Инаку, локалната самоуправа како општествено одговорна институција изгради традиција на одржување на крводарителски акции од 2004 година, еднаш на пролет и на есен, поттикнувајќи ги на тој начин граѓаните да донираат крв и да бидат хумани.