Ликот и делото на Тоше Проески ги спои Општина Карпош и хрватската општина Нова Градишка.

 

Денеска, заврши десетото издание на Меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески. Главен покровител на турнирот беше Општина Карпош, а организатор е Здружението на стопанственици Власи „Мандра“.

 

За прв пат, оваа година турнирот доби и меѓународен карактер, при што покрај екипите од повеќе македонски градови, учествуваа и екипи од Хрватска и Албанија.

Првото место го освои екипата од Нова Градишка, второто место му припадна на тимот од Корча (Албанија) и третото место за екипата од родното место на Тоше, Крушево.

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев зборуваше за вмрежувањето и соработката со Нова Градишка.

 

–                    Тоше и денеска спојува и поврзува! Како резултат на неговиот лик, дело и хуманост воспоставивме соработка со Нова Градишка.

На мое големо задоволство, успеавме турнирот да добие и меѓународен карактер, затоа што Тоше беше личност – космополит, отворен за сите!

Продолжуваме со поддршката на овој турнир, рече Богоев.

 

На доделувањето на трофеите се обрати и градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ кој се заблагодари за целокупната организација и гостопримството на локалната самоуправа.

 

Во текот на целиот турнир гостите уживаа во песните на Тоше кои беа изведувани од талентирани млади ученици „Бона Деа“.