Градоначалникот Стевчо Јакимовски оствари средба со авторот на култната сала „Партизан 4“, архитектот Трајко Димитров, кој изрази огромно задоволство што неговото архитектонско дело доживува ренесанса. Како што евоцираше господинот Димитров проектот за салата го правел во далечната 1962 година, а го завршил сосема случајно на само пет дена пред катастрофалниот земјотрес. Салата потоа била изградена со грчко-француска донација, која според раскажувањето на Димитров, била договорена затоа што имало веќе готов проект. Тој се присеќа дека на предниот дел од објектот било предвидено да уште еден кат. Димитров, кој припаѓа на првата генерација архитекти запишана на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје во 1949 година, се радува што неговото архитектонско чедо ќе биде обновено, ќе добие ново и енергетски ефикасно руво, а особено е среќен што објектот не е повеќе самотник, туку во негова близина се и Сити мол, Сити Тауер и црквата.