Ако  посакаш да стартуваш од некаде-стартувај од Карпош. Ова го докажа денешната, осма по ред, манифестација „Карпош има талент“ која се организира по повод роденденот на Општината 3. Ноември.

Надарени ученици, претставници од сите десет основни училишта на Карпош, денес, во прекрасна атмосфера, пред преполниот амфитеатар во Кинотеката на Република Северна Македонија, на бина ги истакнаа своите врвни дарби во пеење, глума, танц и инструментални изведби.

Меѓу најдобрите сепак требаше да се изберат први од еднаквите, а тоа беа третооделенецот Евгениј Дучевски од ООУ „Димо Хаџи димов“ со сценскиот настап на нумерата Wanna be start in something на Мајкл Џексон, кој буквално ја дигна публиката на нозе и заслужено го освои првото место на годинешниот избор на најталент од Карпош.

Затоа пак, второнаградената Сара Крстевска од ООУ „Аврам Писевски“ со авторскиот перформанс посветен на глувонемото другарче, насловен како „За другарчето кое ја слуша мојата песна“ изведен со знаковен јазик, успеа да ги измами најжешкиот аплауз, но и солзите на присутните.

Третото место му припадна на мултиталентираниот солист Марко Станчевски од ООУ „Владо Тасевски“, кој во еден здив ја изведе „Одата на радоста“ од Лудвиг Ван Бетовен на три инструменти едновремено: на труба, пијано и тапани.

Настапот на сите учесници, а посебно честитки и дипломи за најталенти им врачи градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев кој ги повика да продолжат да го развиваат својот талент, а локалната самоуправа ќе продолжи да иницира вакви настани со кои  ќе ја стимулира креативноста кај најмладите.

 Стручното жири кое имаше извонредно тешка задача да ги избере најдобрите три настапи на учениците од Карпош беше во состав: Александар Митевски-кантавтор, Драган Спасовски ДАЦ-актер и Билјана Костова, советник и претседател на Комисијата за јавни дејности при Општина Карпош.