Општина Карпош  ја започна акцијата со која субвенционира поставување на нови, како и поправка на постоечки лифтови во станбени згради за колективно домување, на територија на локалната самоуправа.  За оваа намена, Општината ќе ги покрие трошоците во висина од 30%, но не повеќе од 250.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката (санацијата) или поставување на нов лифт. Вкупниот фонд на финансиската поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови изнесува 2.000.000 денари.

Станува збор за субвенционирање кое ќе биде поддржано со финансиски средства од буџетот на Општина Карпош за 2022 година по принципот прв дојден – прв услужен, а акцијата ќе трае до исцрпување на финансиските средства за  таа намена. Притоа, сопствениците на станови во станбените згради за колективно домување ќе ги обезбедат останатите финансиски средства во висина од најмалку 70% од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата.

                Во овој случај, при постапката за поставување нови лифтови, Заедницата на сопственици е должна да ја обезбеди целокупната потребна документација согласно позитивните законски прописи (проекти, одобренија). Во таа насока, Општината не ги субвенционира градежните работи. Право на учество на јавниот повик имаат сите кои се регистрирани како Заедници на сопственици (ЗС) или со заедницата да управува правно лице – Управител (УСЗ) , согласно Законот за домување.

                Услови и критериуми за учество на јавниот повик кои треба да бидат целосно исполнети од                потенцијалните корисници на финансиската подршка се  следниве:

  • Станбените згради за колективно домување да бидат постари од 25 години.
  • Заедницата на сопственици/Управителот на станбените згради да има донесено Одлука од сопствениците на станбените единици дека сопствениците на посебните делови се согласни да се изврши поправка и/или санација на постоечкиот лифт и/или поставување нов лифт и дека сопствениците на посебните делови се согласни да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за поправка и/или санација на постоечки лифт и/или поставување нов лифт, (во прилог кон одлуката да достават список со потписи од 50% плус 1 (еден) сопственик).
  • Имотен лист со кој се докажува сопственоста ( не постар од 6 (шест) месеци)

 – Појаснување: Потребно е да се достави имотен лист за земјиштето под зграда и имотен лист за секој стан засебно, со кој ќе се потврди сопственоста на апликантите. Имотните листови да се достават во оригинал или нотарски заверена копија

Потребни документи за аплицирање/пријавување:

  • Пополнета Апликација – образец, потпишан/а од претседателот на заедница на сопственици или

управителот.

  • Изјава за  старост  на  колективниот  станбен  објект,  дадена  и  потпишана  од  овластено  лице  за застапување  или достава на купопродажен договор за стан  (доволен е купопродажен договор на еден од сопствениците).
  • Решение од Централен регистар за Заедници на сопственици или Договор со Управители.
  • Доказ дека Заедницата на сопственици има отворено сметка за резервен фонд,согласно одредбите од Законот за домување.
  • Доказ за сопственост (имотен/и лист/ови не постари од шест месеци од 50% плус 1 сопственик).
  • Заедницата на сопственици/Управител на станбени згради да има донесено Одлука дека сопствениците на посебните делови се согласни да се изврши поправка и/или санација на постоечкиот лифт и/или поставување на нов лифт и дека се согласни да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за поправка и/или санација на постоечки лифт и/или поставување на нов лифт.
  • Заедницата на сопственици/Управителот на станбени згради да има донесено Одлука за избор на најповолна понуда за изведувач за поправка и/или санација на постоечкиот лифт и/или поставување нов лифт.
  • Заедницата на сопственици/Управител на станбени згради да има донесено Одлука за избор на најповолна понуда за надзор над изведбата за поправка и/или санација на постоечки лифт и/или поставување нов лифт.
Заинтересираните апликанти треба целосно да ги исполнуваат условите за учество на Јавниот повик објавени на Огласната табла на веб страницата на општина Карпош www.karpos.gov.mk.
Линк до јавниот повик: https://cutt.ly/nFQtpDd
Апликацијата за проектите може да се подигне во архивата на Општина Карпош или да се преземе од официјалната веб страница на Општина Карпош (karpos.gov.mk)
Линк до апликацијата: https://cutt.ly/TFQtC8z
Дополнителни информации може да се добијат на телефон: 078/486-950 и 071/350-388