Основецот од „Вера Циривири Трена”, Мирко Лазарески, остави незаборавни траги на скијачките патеки на падините во Пале, БиХ.

 
Стипендистот на Општина Карпош, само пред неколку дена се врати од Меѓународниот натпревар во скијање до 14 години, кадешто го освои првото место во дисциплината слалом во конкуренција од 80-на деца-скијачи. Златниот медал ќе ги краси полиците во неговата соба, која изобилува со врвни награди постигнати на скијачките терени. На истиот Меѓународен натпревар, во дисциплината велеслалом, Мирко се пласираше на четвртата позиција  за која беше награден со диплома. 
 Со постигнатиот висок пласман, единствениот Македонец кој се натпреваруваше со скијачи од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, покажа дека напорното вежбање и пред сé, љубовта кон “снежниот спорт”  неминовно ги дава посакуваните резултати.