По неколкугодишна пауза, пред преполни трибини и страствени љубители  на фудбалот, вчеравечер, стартуваше 17-от по ред  Меморијален турнир во мал фудбал „Оливер Соколов –Сокол“, односно „Сокол 2019“. Генерален покровител на турнирот е  Општина Карпош, а на турнирот ќе настапат над 50 екипи од Карпош, Град Скопје, но и од Републиката.

Турнирот Сокол 2019 го отвори градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев кој во оваа пригода рече дека турнирот претставува препознатлив спортски бренд на Карпош и на Градот Скопје, со кој се горди сите карпошани.

 

 Овој турнир е синоним за маалскиот живот во нашиот Карпош.                Инвестирајќи во СОКОЛ, инвестираме во спортот, во развивање на маалскиот живот, во унапредување на здравите навики меѓу младите, го унапредуваме спортот на рекреативно и професионално ниво. Воедно, со него оддаваме почит кон еден од основачите на навивачката група Комити, при што сите учесници на турнирот го повикуваме на фер плеј игра, рече Богоев кој на учесниците им посака успешен турнир.

 

Општина Карпош во текот на летото инвестираше во реконструкцијата на трибините, соблекувалните, головите и другите елементи од игралиштето.

 Првата вечер турнирот  стартуваше со дуел меѓу екипите на „Легенди на ФК Вардар“ и Легенди од турнирот „Сокол“.

 

Во хуманитарниот дел од отворањето на турнирот, со „легендите“ од двата тима излегоа и дечиња, членови на македонската експедиција за специјални олимписки игри-параолимписки игри.