Денеска, во сите десет основни училишта на Општина Карпош започна новата учебна 2018/2019 година. Во училиштата на територија на локалната самоуправа се запишаа вкупно 680 првачиња, а учебната година непречено започна и за учениците од повисоките одделенија. Сите првачиња беа пречекани од страна на наставниот кадар на училиштата и им беше посакано добредојде.

На приредбата во основното училиште “Јан Амос Коменски”, во населбата Тафталиџе присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош,, Стефан Богоев, како и заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов.

Богоев им посака успешен старт на учебната година на сите првачиња, ученици, наставници и родители во Карпош. 

– Секое дете е нечиј СВЕТ! Затоа да се однесуваме со внимание и почит спрема децата – за да не ги разочараме.Да имаме разбирање и да ги поттикнуваме на разговор и комуникација.Да ги научиме дека треба да го кажат своето мислење, но и да го почитуваат мислењето на своето другарче.Да не им ја рушиме самодовербата туку да ги мотивираме да ги остварат своите соништа.Да се откажеме од “шаблон” образование и да го развиваме креативниот потенцијал кај првачињата, но и кај сите ученици. Да ги учиме да кажат благодарам, извини, пријатно, затоа што добриот збор и мисла е тоа што не води напред како заедница.Да веруваме во нашите ученици, но и да ги научиме да се радуваат на туѓите успеси.

На дискриминацијата се спротиставуваме со инклузија и на вклучување и на децата со посебни потреби во нормалниот образовен процес, затоа што секое дете треба да се чувствува еднакво и прифатено, посочи Богоев.

Од оваа учебна година, училиштето“Јан Амос Коменски” доби и нова, реконструирана спортска сала, како и нови игралишта за фудбал и кошарка на отворено. Намерата на Општина Карпош е училишните дворови да прераснат во спортско – рекреативни центри. Затоа во текот на летниот распуст се обновија голем број од терените во неколку училишни дворови.

Заменик министерот Атанасов ги истакна определбите на МОН за ослободување на наставниот кадар од административни работи и раст на платите. На настанот беа изведени и повеќе перформанси од страна на најмладите, со цел пријатен пречек на првачињата и топло добредојде. Локалната самоуправа и во претстојниот период ќе претставува партнер и поддршка на основните училишта, со цел да изградиме поквалитетно и сеопфатно основно образование.