Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска се сретна со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, д – р Ласло Дукс.

На средбата стана збор за актуелните случувања во Општина Карпош и предизвиците со кои се соочува локалната самоуправа.

Амбасадорот Дукс ги претстави особеностите на локалната самоуправа на Унгарија и организираноста на главниот град, Будимпешта.

Поголемата мобилност и добрата авионска поврзаност придонесе поголем број на граѓани од Република Македонија да ја посетуваат Будимпешта, но, и да се продлабочува економската соработка меѓу земјите.

За таа цел, амбасадорот Дукс  напомена дека може да се иницира вмрежување и соработка меѓу бизнис заедницата од Карпош со бизнис секторот од некоја од општините  во Унгарија.

Богоев посочи дека Карпош има и индустриска зона (Момин Поток), каде што функционираат повеќе компании кои може да се потенцијални партнери за соработка со унгарски инвеститори.

–                    Во изминатиот период, Општината се фокусираше на подобрување на условите за работа на оваа индустриска зона, преку подобрување на постоечката инфраструктура. Сепак, претстојат покрупни проекти во соработка со компаниите од овој дел на Карпош, со намера да се раздвижи економијата на локално ниво, посочи Богоев.

Богоев и Дукс разговараа за унапредување на соработката и во областа на културата. Беше  изразена сериозна подготвеност за вклучување на уметници од Унгарија во програмата на Карпошовото културно лето, кое се организира во втората половина на месец август.

Градоначалникот Богоев и амбасадорот Дукс разменија мислења и за евроатлантски процеси на Република Македонија. Европската унија и НАТО ќе обезбедат поголема конкуретност и подигнување на стандардите од секој аспект.

Затоа, Општина Карпош се стреми да воспостави соработка со општини од земји – членки на Европската унија, каде што на вистински начин ќе може да се постигне размена на идеи, искуства и да се преземат позитивните практики.