Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска оствари официјална средба со амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Вилем Воутер Пломп.

На средбата се разговараше за актуелните случувања во Општина Карпош и затекнатата состојба. Амбасадорот Пломп се интересираше за клучните проблеми со кои се соочува Општината,  како што е преголемата задолженост и непланската урбанизација.

Богоев напомена дека превработеноста и неподмирувањето на обврските спрема фирмите се едни од главните причинители за големиот долг на локалната самоуправа.

 

–                    Се соочивме со пренатрупана општинска администрација и урбанистички проблеми на повеќе локации во Карпош. Со цел градење на ефикасна администрација како сервис на граѓаните, во процес сме на менување на лошите практики и изградба на нов и одржлив систем за работа и реализација на проектите кои ги ветив пред граѓаните, рече Богоев.

 

На средбата стана збор и за иницијативите за Деталните урбанистички планови кои се пред Уставниот суд на Република Македонија. Градоначалникот Богоев потенцираше дека Општината испрати и писмо, со намера Уставниот суд да се произнесе за Деталните урбанистички планови кои беа ставени на дневен ред на седницата на Судот, но за нив сеуште не е објавена одлуката.

Произнесувањето, одговорот на Уставниот суд е од големо значење за сите страни, за Општината, граѓаните, инвеститорите, говореше Богоев.

Изградбата на новиот Клинички центар, исто така е тема која овие денови ја бранува” јавноста.

Посебна нагласка беше ставена на фактот дека локацијата на идниот Клинички центар не навлегува во утврдените граници на археолошкиот локалитет Скупи.  Односно, Клиничкиот центар ќе се гради  надвор од Д – 2 заштитната зона и истиот ќе биде во зоната предвидена за здравство според важечкиот Генерален урбанистички план, објасни Богоев.

Амбасадорот Пломп се интересираше и за новите проекти кои Општината ќе ги започне во скоро време.

Изградбата на новиот парк, засадување на нови дрва и зеленило и изведбата на повеќе зелени скверови ќе бидат почетните пролетни активности на Општината.

Нашата заедничка цел е да ги оплемениме слободните зелени површини, да бидат во функција на граѓаните и нивните потреби за рекреација, рече Богоев.

 

Присутните изразија задоволство од денешната средба, со искрена намера за продлабочување на соработката во претстојниот период.