Благодарејќи на поддршката од Министерството за транспорт и врски, а преку Европската банка за обнова и развој, обезбедени се 200 илјади евра за замена на старите водомери, со нови (безжични) за повеќе од 500 домаќинства од Жданец и Трнодол. Ова е само еден од проектите за кои разговараа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на денешната работна средба на која беа отворени можностите за поддршка и начин на финансирање и на  други заеднички проекти од значење за жителите на Карпош.

На полето на урбанистичкото планирање, Богоев напомена дека веќе е добиена согласноста од Министерството за транспорт и врски за новиот Детален урбанистички план за Жданец и Трнодол, преку кој Општината опстојува на определбата за развој на периферните делови на Карпош.

–       Исто така, се очекува и согласност за Деталниот урбанистички план за Касарна Илинден, со што урбанизацијата ќе се префрли во другиот дел на Општината, а не  во централнато јадро, како што беше досега, рече Богоев.

Во текот на зимскиот период, секторите при Општината ќе работат на подготовка на проекти за изградба на нови локални патишта, водовод и канализација, а со истите ќе аплицира кон повеќе финансиски институции и кредитори.

Како што напомена и министерот Сугарески, за следната година, на располагање на општините ќе бидат дадени 70 милиони евра за локални патишта, средства обезбедени од Светска Банка, откако Владата и Министерството за финансии. претходно преговараше за нив.

Исто така, за проекти за подобрување на водоводната мрежа и канализација за целата локална самоуправа се предвидуваат околу 100 милиони евра, средства од  Европската инвестициона банка.

Соработката меѓу Општина Карпош и Министерството за транспорт и врски ќе продолжи и во претстојниот период, се со цел да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, во повеќе сегменти од живеењето.