Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска имаше средба со градоначалникот на хрватската општина Нова Градишка, Винко Гргиќ.

На средбата се разговараше за актуелните случувања во општините, но и облиците за подлабока соработка меѓу локалните самоуправи.

На оваа средба претходеше склучувањето на трилатерален меморандум за соработка меѓу Општина Карпош – Општина Крушево – Општина Нова Градишка.

Имено, општините се обврзаа на поголема соработка во областа на образованието, културата, туризмот и спортот.

Градоначалникот Богоев се осврна на повеќе аспекти од работењето на локалната власт. Тој ги запозна присутните и со политичкиот систем во Република Македонија, начинот на кој се избираат носителите на јавна функција, но и со актуелните проблеми во Карпош и во главниот град Скопјејавната хигиена, загадениот воздух и урбанистичкото планирање.

Градоначалникот Гргиќ напомена дека Хрватска го решила прашањето со отпадот на многу ефикасен начин. Сите граѓани кои го селектираат отпадот добиваат повратни средства од државата и ова, на буквален начин, ја „исчисти“ нашата држава, рече Гргиќ.

Исто така, се зборуваше и за клучните проекти во Карпош, како што е изведбата на новиот парк кој во најголем дел ќе се гради со неповратни средства од Европската Унија. Европските фондови помогнале многу и на Нова Градишка, во нејзиниот развој и подобрување на квалитетот на живот.

Секако дека, една од главните причини за оваа посета е и одржувањето на Меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на нашата музичка легенда Тоше Проески, кој се одигрува овој викенд, во Карпош, а главен покровител е токму локалната самоуправа.

Имено, Нова Градишка е општината каде што Тоше трагично го загуби својот живот, а токму Карпош е последното негово место на живеење.

Денеска сме сведоци дека Тоше сеуште поврзува различни култури и држави.

На средбата присуствуваше и претседателот на Совет на Општина Карпош, Андреј Манолев, како и Борислав Видошиќ, заменик градоначалник на Нова Градишка, Влатко Греинер – советник во Градскиот совет во Нова Градишка и Далибор Марковиќ – претседател на Економскиот совет во Нова Градишка.